портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Македонскиот развоен предизвик
септември 2012
проф. д-р Мирољуб
Шукаров
Јас се обидувам да најдам причини коишто можат да помогнат во позиционирањето на Македонија во насока на фаќање развоен приклучок со поразвиените земји. Пред се, си го поставувам прашањето дали е тоа воопшто можно и дали е остварливо? Македонија е една од најсиромашните земји во Европа, па и во регионот.

Нобеловецот Јозеф Штиглиц во една од своите книги вели дека во економијата доколку сакаш да стоиш во место – мораш да трчаш. И во право е. Светот се движи напред и секоја национална економија мора да го најде своето место споредувајќи се, пред се со земјите од своето непосредно окружување, а потоа и со поширокиот регион. Светот на економијата е немилосрден. Економскиот раст мора да биде таков што ќе обезбедува континуирано нормален и се повисок стандард за своите жители, едновремено да отвора простор за активирање и воведување на новите генерации во деловниот свет. Земјите си конкурираат меѓусебно и се угледуваат една на друга. Токму затоа во оваа анализа се споредуваат земји, пред се, од соседството, и според економските истории кои заедно ги поминувале, но и оние кои успешно го изоделе транзицискиот пат, па можат да послужат како пример за останатите земји имајќи ги предвид нивните специфичности и можности. И уште нешто. Постои едно правило: стапките на раст на помалку развиените земји треба да бидат повисоки во споредба со поразвиените земји поради познатото правило на пониска и повисока споредбена основа и теоријата за опаѓачки приноси. Така се доаѓа до правилото при споредбите да се класифицираат земјите според степенот на нивната развиеност, а потоа да се бараат посуптилни карактеристики кои би можеле да откријат нијанси на развиеноста од аспект на структурата на економијата и можноста да се изнајде некој развоен придвижувач. Еве на пример, при класифицирањето кое досега се правеше секогаш се земаше предвид Словенија како земја која го поминуваше истиот пат како и сите други бившо-југословенски републики (кои во меѓувреме го започнаа својот независен развоен пат), но овој пат Словенија е исклучена заради извонредно големите разлики токму во нивоата на достигнатиот БДП по жител кој е неколку пати повисок, например од македонскиот. Нема смисла повеќе Словенија да се користи како земја за споредба (другите земји многу заостануваат зад неа). Словенија е многу над македонските сегашни развојни можности. Во овој момент почувствував потреба да ја вклучам Естонија во споредбената анализа, токму како европска земја која направи извонреден напредок, која има мал број жители (1,3 милиони) и која може да го припише својот развоен подем на извонредно големата желба и посветеност да фати приклучок со останатиот развоен свет (посветена влада, стрпливи граѓани кои веруваат на своето државно водство, јасно зацртана долгорочно посакувана развојна агенда).

Основен индикатор кои економистите го користат за споредба е Бруто Домашниот Производ по жител (GDP per capita). Токму затоа земји кои имаат високи стапки на раст на бројот на жителите мораат да остваруваат повисоки стапки на раст за да го следат растот на другите земји со поумерени стапки на раст на населението. Се разбира дека населението е и фактор на развој, кој не треба да се запостави, доколку се отвораат доволен број работни места во приватниот сектор и доколку постои солидна искористеност на капацитетите во економијата. Затоа и се анализираат повеќе различни аспекти на структурната поставеност на економијата во една национална економија.

Јас се обидувам да најдам причини коишто можат да помогнат во позиционирањето на Македонија во насока на фаќање развоен приклучок со поразвиените земји. Пред се, си го поставувам прашањето дали е тоа воопшто можно и дали е остварливо? Македонија е една од најсиромашните земји во Европа, па и во регионот. Нејзиниот БДП по глава на жител е нешто малку над една третина од просечниот на земјите на Европската Унија. Тоа не е поволна стартна позиција. Доколку се анализираат земјите кои најдоцна станаа членки (Романија и Бугарија) на Европската Унија и соседните транзициски земји (Албанија и Србија), па и Хрватска како земја која во овој момент го завршува патот кон Европската Унија и Естонија како земја многу помала од Македонија со извонреден напредок во посттранзицискиот период, се доаѓа до интересни заклучоци.

БДП на еден жител на избрани земји



Станува јасно дека од групата се издвојуваат две земји Хрватска и Естонија, а другите имаат скоро ист развоен пат. Но дали е баш така? Може да се забележи дека Македонија има многу повисока стартна основа и од Албанија, и од Бугарија и од Србија, па дури во некои периоди и од Романија. Веќе од 2001 година Романија и Бугарија се издвојуваат и нивните стапки на достигнат БДП по жител значително се повисоки од оние на Македонија, Србија и Албанија. Треба да се има предвид дека големо влијание врз стапките на раст по глава на жител има и стапката на раст на населението во една национална економија. Колку што стапката е повисока толку производниот напор на земјата треба да биде повисок за да обезбеди ист раст со другите земји кои се споредуваат. Стапките на раст на бројот на населението драстично се разликуваат. Во анализираниот период прилично осцилираат.

Стапки на раст на населението



Од табелата може лесно да се види дека Македонија морала да има многу поголем развоен напор („да трча побрзо“) од сите други анализирани земји затоа што имала многу повисоки стапки на раст на населението. Останатите земји бележат дури и значителни негативни стапки на раст на населението.

Можеби пресвртниот развоен момент беше воената 2001 година во Македонија, но интензитетот на растот на стандардот на Романија и Бугарија не дава многу повод за тоа мислење. Од друга страна интензитетот на раст на Албанскиот стандард укажува на тоа дека и оваа земја набрзо ќе им се придружи на овие две земји. Па што е тоа што влијае македонскиот стандард да заостанува толку многу? Кои се причините за тоа? Дали има можност да се надминат тие проблеми во иднина?

Прво што се наметнува е да се испита дали причината за заостанувањето е недоволното штедење и инвестиции, или можеби виновник е преголемото државно трошење или, пак, неповолната стопанска структура, нискиот обем на инвестиции во приватниот сектор?

Скоро сите анализирани земји имаат колебања на инвестициите во основни средства во опсег од 20 и 25 проценти, сепак се издвојуваат Естонија, Бугарија, Романија и Хрватска. Токму оние земји коишто имаат надпросечен раст на стандардот. Македонија заостанува токму според овој параметар. Инвестициите во една поширока дефиниција означуваат денешна финансиска жртва за иден финансиски просперитет и можат да се поврзат со довербата на финансиски помоќните структури во иднината на земјата. Загрижува што интензитетот на пораст на инвестициите во Македонија не расте ниту во времето на просперитетните години (2007 и 2008 година). Кога се говори за инвестиции во основни средства веднаш се наметнува прашањето на изворите од кои тие се финансираат. Дали тоа е домашното штедење, односно дали инвестициите се алиментираат од зголеменото домашно штедење или, можеби од зголемените задолжувања од странство или доаѓа од странските директни или портфолио инвестиции. И веднаш следи заклучокот дека македонското штедење како учество во БДП, слично како и албанското и српското, е во долната група со учество од 5-8%, за разлика од земјите кои се издвојуваат со нивото на развојот (Бугарија, Романија, Естонија, Хрватска) чие што штедење го надминува нивото од 20, па и 25 процентни поени. Доколку се земе предвид огромната криза на штедењето во Албанија во 1992 година како резултат на колапсот на пирамидалните штедилници, тогаш и албанската динамика на опоравување на националното штедење има прилично високи нагорни стапки. Во Македонија домашното штедење континуирано опаѓа од почетокот на деведесеттите години и трае се до денес. Тоа е загрижувачки факт особено кога се знае дека најважниот извор на инвестициите се, односно треба да бидат, токму штедните влогови. Од друга страна движењето на штедните влогови може да се земе и како расположение и доверба на граѓаните на една земја во нејзината иднина.

Бруто домашно штедење во Македонија, Словенија и Естонија



Индикативен е нагорниот тренд на раст на домашното штедење кај овие просперитетни земји и надолниот тренд на домашното штедење во Македонија. Кога недостасува домашно штедење тогаш инвестициите можат да се надоместат со зголемени странски директни инвестиции (па и со портфолио инвестиции). Сепак, нето приливот од странски директни инвестиции од деведесеттите години па до денес мерени како учество на нивниот нето прилив во БДП кај сите анализирани земји покажува значителни осцилации, но и непостоење посебна голема просечна разлика (освен кај Црна Гора во која изнесува екстремни 25% од БДП). Така учеството се движи околу 4-5% во поголемиот број земји (Албанија, Хрватска, Македонија, Романија, Србија), а повисоко е во Бугарија (7,4%), Естонија (8%), додека кај среднодоходните земји во просек изнесува 1,8% и кај високодоходните земји изнесува 2,4%. Повисокиот просек на Бугарија и Естонија е резултат на скок на директните инвестиции во една година (во Бугарија во 2007 година кога достигнува огромни 31% од БДП, а во Естонија во 2005 година со 21%, очигледно поради продажба на некој значаен енергетски или инфраструктурен систем). И во Македонија постои голем скок на странските директни инвестиции во 1998 година поради продажбата на Скопската пиварница, Жито Лукс, Усје, во 2000 година како резултат на продажбата на ОКТА, во 2001 година како резултат на продажбата на телекомот (13% од БДП) и 2006/2007 со продажбата на Електростопанството на Македонија (6 и 8,5% од БДП). Во последниве години стапката на странските директни инвестиции во Македонија е нешто повисока во однос на претходните години и поради промената на методологијата за нивно пресметување. Значи, странските директни инвестиции не можеле да бидат фактор за големите развојни разлики помеѓу земјите.

Доволноста на кредити за приватниот сектор е исто така една од можностите за развојна диференцијација помеѓу земјите. Највисоко учество има Естонија со 90-100% од БДП (во 2009 дури о 107% од БДП), потоа следат Бугарија и Хрватска (околу 70%) и потоа како група следат Србија, Романија и Македонија. Најниско учество има Албанија (37-39%). Растот на кредитите е особено интензивен во периодот на просперитет од 2007-2009 година.

Стопанската структура на една земја може да биде причина за трендовите на растот. На пример, во најрзвиените земји во светот земјоделието и примарниот сектор на производство (шумарство, рударство, лов и риболов) учествува во формирањето на БДП со 1-1,3%, секундарниот сектор (индустрија и градежништвото) со 20-35%, а терцијарниот сектор (услугите, главно трговија, информации, финансиски и осигурителни услуги) учествува со 70-75%. Треба да се има предвид дека индустријата во тие земји е прилично развиена, дава огромен реален продукт и апсорбира огромен дел од вработените. Во помалку развиените земји изразено е учеството на земјоделието. Во анализираната група земји карактеристично е високото учество на земјоделието во формирањето на БДП. Во тоа предничи Албанија (многу над избраните земји). Но трендот многу брзо се подобрува. Во 1995 година во Албанија примарниот сектор учествувал во скоро 55% во формирањето на БДП, додека во 2010 година со 20%. Бугарија, Романија, Хрватска и Србија нагло го намалија учеството на земјоделието во БДП во последните години на нивоа значително пониски од 10% (5-7%), додека во Македонија трендот на намалување стагнира на ниво од 12-13%. Треба да се додаде дека земјоделието апсорбира од 19-23% од вкупниот број вработени на земјата.

Секундарниот сектор има најниско учество (нешто помалку од 20%) во формирањето на БДП во Албанија (што е сосема разбирливо поради високото учество на примарниот сектор), додека во сите останати земји учеството се движи помеѓу 25 и 28%, а единствено Бугарија има учество помеѓу 32 и 34%. Секундарниот сектор во Македонија учествува со околу 28% во формирањето на БДП. Треба да се има предвид дека економијата во земјите од средно (и повисоко) доходно ниво имаат потреба од развиена индустрија, меѓу другото и, затоа што таа апсорбира голем број од просечно образованите работни луѓе во една национална економија. Индустријата вработува од 32 до 33% од вкупниот број вработени во Македонија.

Терцијарниот сектор доминира во Хрватска и Романија (65-67%), потоа следат Бугарија и Србија (околу 63-65%) и конечно најнизок придонес има во Албанија и Македонија (60-61%). Во секторот на услугите работат околу 50% од вкупниот број вработени во Македонија. Посебно важен индикатор за развиеноста на земјите е колку во услугите учествува трговијата. Имено, многу голем придонес во формирањето на БДП во развиените земји имаат банкарството, осигурувањето, информациите. Колку се тие повисоки толку земјата е поразвиена, односно толку повисок БДП по глава на жител се создава. Изразито високото учество на трговијата во формирањето на БДП е индикатор за помала развиенот. Високото учество на трговијата повеќе претставува желба на поситните трговски агенти (граѓаните) да изнајдат некој елементарен извор за приходи (најефтино е да се отвори продавница). Во високоразвиените земји овој индикатор се движи помеѓу 10-13% (во Германија е околу 13%, во Грција 20%, во Европската Унија 16-18%). Кај селектираните земји од мојот труд најниско учество има трговијата на Романија (10-12%), а највисоко во Албанија (35-40%). Во останатите земји трендот се стреми да го задржи учеството помеѓу 20 и 25%, како што е и во Македонија.

Посебно е важно учеството на извозот на висока технологија од произведените индустриски производи. Колку е тоа повисоко толку е земјата поразвиена. Развиените земји како што е Германија (па и просекот на Европската Унија), извезуваат висока технологија во износ од 16-17% од БДП (во некои периоди и над 20%). Карактеристичен е случајот и со малата Естонија (има околу 1,3 милиони жители) која извезува висока технологија во износи кои надминуваат 10% од БДП дури во некои периоди (2000 година) овој износ постигнувал и 30% (и популарната комуникациона компјутерска програма Скајп е дизајнирана, произведена и конечно продадена надвор од земјата од страна на естонците). Останатите анализирани земји се задржуваат на учество од 6-8%. За жал во Македонија трендот на раст на извозот на висока технологија е негативен и опаѓа од 3% во 1995 година на 1,4% во 2005 година и 0,8% во 2007 година. Очигледно е дека стопанската структура на Македонија не дава можности за позабрзан раст и развој.

Еден од елементите на макроекономската стабилност на една земја е и посакуваната висока и избалансирана меѓународна размена. Тоа значи да постои висок и избалансиран извоз и увоз кои не создаваат висок трговски дефицит. Од анализираните земји највисоко учество на меѓународната размена во однос на БДП има Естонија (помеѓу 160 и 180%). Следи Бугарија со 90-135, но таа има и години кога само увозот достигнувал дури 70-80%. Македонскиот извоз се движи помеѓу 25 и 50% од БДП, но увозот и е значително повисок во целиот анализиран период. Токму затоа Македонија има висок трговски дефицит кој се движи помеѓу 10-25% од БДП. Треба да се нагласи дека од 10-20% од вкупниот увоз претставуваат нафтени деривати, без кои ниту стопанството ниту домаќинствата не би можеле да го замислат нормалниот живот. Во Македонија се увезуваат околу 40-50% од сите енергетици кои се трошат во тек на годината. Трендот на учеството и на храната во извозот и во увозот (учеството на извозот на храна е нешто поголемо од увозот на храна) на трговски стоки на Македонија од година во година се намалува. Тоа е знак дека другите производи (непрехрамбени) го преземаат приматот во трговијата на земјата со остатокот од светот. Во македонскиот извоз најголемо учество имаат катализатори на носачи на благородни метали, фероникел, преработките од нафта и облека. Во увозот во Македонија најмногу учествуваат платината и нејзините легури, суровата нафта, природниот гас и електричната енергија. Во најнеповолна положба помеѓу анализираните земји е Албанија која има највисок трговски дефицит (помеѓу 15 и 27% од БДП), но има и екстрем во 1992 година кога трговскиот дефицит и достигнал фантастични 77% од БДП. Трговскиот дефицит вообичаено се покрива со дознаки од работниците во странство за да се избалансира тековната сметка, но доколку тие не се  доволни потребна е или интервенција од девизните резерви или со подигање на капиталната сметка (задолжување во странство). Земјите кои долгорочно извозно го насочуваат развојот водат политика на континуирано обезвреднување на сопствената валута. На тој начин го прават извозот поатрактивен и едновремено увозот помалку атрактивен. Македонија води политика на врзан курс на денарот со еврото (порано со германската марка) со што курсната стимулација на извозот не е можна.

Македонија има дефицит на тековната сметка кој варира во целиот анализиран период (од вредности близу до нулата, до -10% и -8% во 2002 и 2004, па и -12,5% во 2008 година). Сепак, во последните неколку години дефицитот на тековната сметка е стабилен и се одржува околу -5% до -6%. За ваквата состојба значајни се дознаките од странство кои се обилни и влијаат да може да се одржува девизната ликвидност на задоволително ниво. Дознаките од странство според податоците од базата на Светската Банка изнесуваат од 3,8 до 4,3% од БДП, што е премалку и веројатно ги опфаќа само официјалните трансфери (преку банки и регулиран трансфер на пари), кои изнесуваат од 170 до 410 милиони американски долари. Народната банка дава официјални проценети вредности на дознаките од странство кои се многу повисоки од посочените и се движат од 1,1 до 1,5 милијарди евра (1,5-2,1 милијарди долари) што би претставувало учество во БДП и до 15-18%. Високите износи на дознаките од странство делуваат навидум како голема поволност за македонската економија. Сепак, тие се и причина за воздржување на Народната Банка да води активна курсна политика за стимулирање на извозната активност. Дознаките на македонските работници во странство се јавуваат како извор за пројавување на синдромот наречен Холандска болест во Македонија. Инаку помалку развиените земји во светот имаат високи учества на дознаките од странство во БДП. На пример една од посиромашните земји во светот Таџикистан има учество на дознаките од странство кое достигнува и 35% од БДП. Голем дел од зголемениот прилив на дознаки од странство потекнуваат од нашите работници кои заминаа на работа во Ирак и Авганистан (дел од нив сеуште се водат како невработени лица). Народната Банка на Република Македонија очекува дека дознаките од странство, поради нестабилната економска состојба во Европа, во блиска иднина ќе започнат да се намалуваат.

Конечно дали македонската влада троши повеќе од другите и со тоа го оптоварува стопанството, со давачки, повеќе од другите анализирани земји? Албанската финална владина потрошувачка се движи скоро во целиот анализиран период под нивото од 10% од БДП. Кај останатите земји општата владина потрошувачка се наоѓа многу повисоко (помеѓу 15 и 23%). Македонската општа владина потрошувачка се движи во истиот опсег освен во „воената 2001“ година кога скоро достига 25%. Инаку, во последните неколку години потрошувачката е сведена на 17% до 18% (од БДП), што е ниво многу пониско од релативната потрошувачка во 1997, 1998 и 1999 година. Многу повисоки релативни учества на општата финална потрошувачка имаат Хрватска, Естонија и Србија.

Очигледно е дека изворите на заостанувањето освен во неповолната стопанска структура и недостатното домашно штедење треба да се бараат и во нешто друго, можеби надвор од економската сфера. На пример, „индексот на поткупливост“ (според податоците од базата на Светската Банка од Истражувањето за претпријатијата (Enterprise Survey) e највисок во Албанија 22% (2007 година), потоа следи на Романија 14,7 (2009), па на Македонија 9,7 (2009). Следат Бугарија со 8,2, додека на останатите земји (Хрватска, Словенија и Естонија) овој индекс е многу под овие високи нивоа (изнесува од 1 до 3). Во истата база се наоѓа и истражувањето за Индикатори за управувањето (Governance indicators) кадешто се анализираат повеќе индикатори. Според идикаторот за „квалитет на регулативата“ на највисоко место е рангирана Естонија, потоа следат Бугарија, Хрватска и Романија (но, многу пониско рангирани од Естонија), а најдолу на споредбената скала се Македонија, Албанија и Србија (единствено Македонија има негативен коефициент). Следи индикаторот за „владеење на правото“ според кој земјите се наредени по скоро истиот ред. Според овој индикатор Естонија е многу над сите други земји и трендот e нагласено нагорен. Сите други анализирани земји се наоѓаат во негативната зона освен Хрватска и Романија и тоа само во последните неколку години. Македонија е во негативната зона заедно со Бугарија, Србија и Албанија. Слични се анализите и на Контролата на корупцијата и Ефективноста (способноста) на владата. Кај сите предничи, во голема мерка Естонија, потоа следат Романија и Хрватска, па и Бугарија и најлоши резултати имаат Македонија, Србија и Албанија.

Очигледно е дека Естонија како земја има најбрз напредок, не затоа што имала посебни развојни услови или ресурси или затоа што некоја друга соседна земја и пружила посебна развојна помош, туку затоа што политичарите умееле да се постават на вистински начин, да ја добијат и да не ја злоупотребат довербата на гласачите. Затоа што умееле да ги постават долгорочните развојни приоритети на земјата и затоа што истрајале на тие приоритети, без оглед што тие барале посебни напори и одрекнувања (намалување на пензиите, платите на државните службеници за 10%, зголемување на данокот на додадена вредност за 2% и покрај тоа што постоела свест дека БДП ќе се намали дури за 14%) кои честопати можеле да ја поколебаат владата и да ја насочат кон популистички мерки на одлагање на проблемите и шминкање на стварноста. Политичката доблест и чесност преовладале и населението ги прифатило жртвите и конечно резултатите не изостануваат. Во последните неколку години и Естонија ја чувствува многу интензивно кризата, но тоа се случува со сите земји со пазарна ориентација во регионот. И покрај големиот кризен удар во Естонија не се забележува поместување од долгорочните приоритети особено насоченоста кон извоз, свртеност кон високите технологии, отвореност кон меѓународната конкуренција, владеењето на законите и тн. Останатите земји, вклучувајќи ја и Македонија во целиот транзиционен период се колебливи во однос на поставувањето на долгорочните економски, политички и социјални приоритети. Токму затоа и популистичките идеи видливо се насочени кон шминкање на стварноста, создавање привид дека економски земјите се движат во посакуваната насока, сепак, заостануваат во трката со останатите земји во поблиското и подалечното окружување. Земјите што се придружија на Европската Унија (Бугарија, Романија и Хрватска) навреме излегуваат од маѓепсаниот круг на демагогијата и популизмот, па затоа и тие во последните години започнуваат да даваат позитивни развојни сигнали.

Колку побрзо и Македонија излезе од овој маѓепсан круг на политичка доминација со економијата, толку побрзо и ќе се почувствуваат придобивките на развојот. Очигледно дека значењето на институциите сфатени како „правила на игра“ и, придржување кон нив, е едно од најзначајните прашања сврзани за развојот кои треба да се сфатат како “Conditio sine qua non” и основен предуслов за започнување на „развојниот бран“. А токму таа транзииција е најефтина и воедно најтешка. Сето друго си доаѓа само од себе.


Коментари
Нема коментари.
 
Архива